Здружението „16-ти март“ упати емотивен повик до сите граѓани за заедничко ноќно бдеење и оддавање почит кон 63-цата млади кои трагично ги загубија своите животи во катастрофалниот пожар. Собирот ќе се одржи вечерва, на самото место на трагедијата – пред поранешната дискотека „Пулс“.
Според најавата од здружението, граѓаните ќе почнат да се собираат во 02:15 часот по полноќ, со цел да застанат заедно во тишина и да формираат заедништво во болката.
Врвот на ова тивко сеќавање ќе се случи точно во 02:32 часот – кобниот момент кој пред точно една година засекогаш го промени градот Кочани и ја зави државата во црно. Во тој миг, присутните со едноминутен молк ќе им оддадат последна почит на настраданите.
„Да застанеме заедно во тишина за нашите 63 ангели. Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, се вели во трогателната објава на здружението „16-ти март“.
Граѓаните се повикуваат да понесат свеќи и цвеќе, за преку светлината да покажат дека споменот за прерано згаснатите животи никогаш нема да избледи.
