Една година откако отпушти околу 9.100 работници, софтверскиот гигант Мајкрософт (Microsoft) започнува нов бран кратења на работните места на самиот почеток на новата фискална година. Компанијата ќе отпушти околу 4.800 вработени, што претставува приближно 2,1 отсто од нејзината вкупна работна сила.
Поголемиот дел од засегнатите работници доаѓаат од секторот за комерцијална продажба и од одделот за видеоигри „Иксбокс“ (Xbox).
Во интерниот допис до вработените, извршната потпретседателка и директорка за човечки ресурси во Мајкрософт, Ејми Колман, појаснува дека кратењата се резултат на брзите промени во технолошката индустрија. Таа ја нагласи потребата од прилагодување на ресурсите и деловниот модел за соодветно да се одговори на влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот.
„Сакам да бидам директна и да кажам дека работните места кои денес се укинуваат нема да бидат заменети со вештачка интелигенција. Сепак, вистина е дека вештачката интелигенција го менува начинот на кој се извршува работата“, наведува Колман во дописот до кој дојде медиумот The Verge.
Големи промени во одделот за Xbox
Денешните отпуштања ќе опфатат околу 1.600 вработени во дивизијата Xbox, а планот е до крајот на фискалната година во овој сектор да се укинат вкупно 20 отсто од позициите. Како дел од процесот на реструктурирање по долгогодишните предизвици, Мајкрософт веќе продава четири свои студија за развој на видеоигри, а се разгледува можноста за продажба на уште едно.
„Ваквите одлуки никогаш не се лесни. Кога и да е можно, наш приоритет е на вработените да им понудиме нови позиции усогласени со клучните приоритети на компанијата. Во текот на изминатата година прераспоредивме повеќе од 4.000 вработени на нови работни места, вклучувајќи уште 500 во текот на овој месец“, истакна Колман.
Програма за доброволно пензионирање
Со цел да се ублажи бранот отпуштања, Мајкрософт претходно понуди и програма за доброволно предвремено пензионирање за вработените во САД (чиј збир од возраста и работниот стаж во компанијата изнесува најмалку 70 години). Овој пакет вклучува петгодишно здравствено осигурување на товар на компанијата, еднократна отпремнина и шестмесечно стекнување права на преостанатите акции.
Според менаџментот, повеќе од 30 отсто од вработените кои ги исполнувале условите одлучиле да ја прифатат оваа понуда, а компанијата најавува дека ќе продолжи со слични социјално одговорни пристапи и во иднина.