Нов евакуациски лет од Дубаи до Скопје во вторник – повик до македонските државјани да се пријават

Македонските државјани кои во моментов престојуваат во Обединетите Арапски Емирати ќе имаат можност да се вратат во земјава со нов организиран евакуациски лет што е планиран за вторник на релација Дубаи – Скопје, информираат од македонската амбасада во Абу Даби.

Од дипломатското претставништво апелираат до сите граѓани кои имаат итна и приоритетна потреба од враќање во Македонија, во најкус можен рок да се пријават за да бидат вклучени во организацијата на летот.

„Во тек се финалните подготовки и координација за реализација на летот, поради што е важно заинтересираните граѓани навремено да се евидентираат во Амбасадата на Македонија во Абу Даби“, соопштија од амбасадата.

Пријавувањето може да се направи преку телефон на бројот +971 56 441 7532 или преку електронската адреса abudabi@mfa.gov.mk.

Според информациите од дипломатското претставништво, досега се реализирани четири организирани евакуациски летови од регионот на Блискиот Исток, со кои во земјава се вратиле вкупно 458 патници.