Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати издаде предупредување за потенцијална ракетна закана и ги повика граѓаните да побараат засолништа.
Поради актуелната ситуација и потенцијални ракетни закани, веднаш побарајте безбедно место во најблиската заштитена зграда, држете се подалеку од прозорци, врати и отворени простори. Почекајте понатамошни упатства – се наведува во известувањето испратено до граѓаните на Дубаи и Шарџа преку СМС-порака, пренесува „Галф њуз“.
Обединетите Арапски Емирати претходно денеска го обвинија Иран дека со дронови нападнал празен танкер за сурова нафта кој припаѓа на државна нафтена компанија од Абу Даби, додека се обидувал да помине низ Ормускиот теснец.
Единицата за поморска енергетска логистика на Националната нафтена компанија на Абу Даби (ADNOC) соопшти дека танкерот „Барака“ бил празен во моментот на нападот со два дрона и дека нема повредени, пренесува Ројтерс.
Иран, пак, во изминатиот период го ограничил движењето на неирански бродови во Персискиот Залив, откако САД и Израел започнале напади врз земјата.
Техеран претходно се закани дека ќе напаѓа бродови без дозвола при минување низ Ормускиот теснец, преку кој се транспортира околу една петтина од светските испораки на нафта и гас.
