Нов начин на поврзување со Грција, до крајот на годината готова пругата Битола – Кременица

Наскоро земјава ќе добие нов начин на поврзување со соседна Грција.  До крајот на оваа година железничката пруга Битола – Кременица во должина од 16 километри ќе биде пуштена во употреба. Оваа поврзување ќе го заживее градежништвото во земјава и ќе овозможи македонските производи побрзо да пристигнат на пристаништето во Солун, истакна вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Ваквите проекти имаат двојна улога во економијата на државата.  Од една страна ја подобруваат инфраструктурата и даваат можност производената роба да има побрз пристап до пристаништето во Солун и од тука до целиот свет, исто така овозможуваат и побрз транспорт на граѓаните и подобра и побрза комуникација со соседните земји. Ова е еден проект што беше зборуван 30 години, ама сега е веќе реализиран. Се надевам дека од новата година ќе ги видиме и првите возови како ќе поминуваат низ оваа пруга“, изјави Анѓушев.

Се вчитува...

Министерот Сугарески потенцираше дека по цели 32 години повторно имаме железничко поврзување на Пелагонискиот регион со соседна Грција.

„Сите знаеме колку железничката линија Битола – Кременица е значајна за Пелагонискиот регион, а за многу кратко време придобивките од нејзината изградба ќе ги осетат компаниите кои работат во овој дел на Македонија.  Со оваа пруга ќе обезбедиме ново поврзување со Солунското пристаниште и брз и поевтин транспорт на стоки и услуги, не само за домашните, туку и за странските компании што ги користат нашите железници“, рече Сугарески.

Со буџетот за следната година, за железничката инфраструктура ќе бидат потрошени 3,4 милијарди денари.

Инаку, по пауза од 10 години, од први ноември, повторно се воспостави и авионската линија Атина-Скопје-Атина која што сообраќа секој вторник и четврток.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21