Инфлацијата во Германија во април се забрза на 2,9 проценти, што е највисоко ниво од јануари минатата година, главно поради растот на цените на енергијата по ескалацијата на конфликтот во Иран и блокадата на Хормушкиот теснец, соопшти денес Федералниот завод за статистика.
Инфлацијата втор месец по ред бележи забрзување, откако во февруари изнесуваше 1,9%, а во март 2,7%. Во споредба со март, цените во април пораснале за 0,6%.
Енергијата и горивата главни двигатели на растот
Претседателката на статистичкиот завод Рут Бранд изјави дека главната причина за растот повторно се повисоките цени на енергијата, особено на моторните горива. Цените на енергијата во април биле 10,1% повисоки од лани. Горивото поскапело за 26,2%, а лож-маслото за 55,1%. Истовремено, цените на електричната енергија паднале за 4,5%, а на греењето за 1,1%.
Владата на Германија се обидела да го ублажи товарот за граѓаните со привремени субвенции за гориво, но експертите сметаат дека ефектите од поскапувањата сè уште не се целосно пренесени во целата економија.
Силке Тобер од Институтот за макроекономија и економски истражувања (IMK) истакна дека инфлацијата во услужниот сектор слабее, додека растот на цените на храната засега е умерен. Таа додаде дека евентуален крај на конфликтот во Иран и повторно отворање на Хормушкиот теснец би можеле значително да ги намалат цените на нафтата, а со тоа и инфлацијата.
Пораст на цените на храната и предупредувања од економистите
Сепак, економистите предупредуваат дека високите трошоци за енергија би можеле да ги зголемат трошоците за производство и транспорт, што во наредните месеци дополнително би ги подигнало цените на храната и услугите. Според податоците од институтот Ифо во Минхен, сè повеќе германски компании планираат зголемување на цените, особено во угостителството и малопродажбата.
Цените на храната во април пораснале за 1,2%. Шеќерот, џемот, медот и слатките поскапеле за 6,6%, чоколадото за 9,7%, а месото и овошјето за 3,6%. Во исто време, цените на маслата и мастите паднале за 13,9%.
Услугите биле поскапи за 2,8% во споредба со истиот период лани. Одржување и поправка на возила поскапеле за 5%, рестораните за 3,2%, а кириите без трошоци за греење за 1,8%.
Меѓу ретките намалувања се издвојуваат туристичките пакет-аранжмани, кои биле поевтини за 3,5%.