Антикорупциската комисија треба да биде независна, а вработените да земаат повисоки плати. Секеретаријатот на Комисијата побара стимул за службите затоа што сметаат дека само на тој начин ќе се заштитат од партиските притисоци и влијанија.
Нивните забелешки беа подржани од пратениците и заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, на јавната расправа што се одржа за Предлог законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал рече дека за да се зајакне интегритетот на Комисијата, да се изгради општество без корупција и судир на интереси, потребни се професионални кадри кои ќе раководат со институцијата за да се ослободи од партиските стеги. Според неа, Законот треба да утврди остри критериуми, за тоа кој може да биде или не член на антикорупциска. Со новиот закон, Антикорупциска треба да ја засили контролата на финансирањето на политичките партии, а функционерите ќе имаат обврска да пријават секаква промена на имотната состојба. Од Владата велат дека со законот се обезбедува поголема транспарентност при изборот на претседател и членови на оваа комисија, ќе се зајакнат финансиските средства и просторите услови во Комисијата. Антикорупциската комисија, клучното државно тело за спречување корупција и судир на интереси, веќе десет месеци не функционира откако последниот претседател Игор Тантуровски поднесе оставка, а во април членовите беа „испратени“ на одмор на неопределено време.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
