Министерката за финансии, презентирајќи го новиот ребаланс, изјави дека со ова прекројување на државната каса се врши усогласување на буџетските проекции со економските услови до крајот на годинава. Според предложеното, во однос на јулскиот ребаланс се предвидуваат 86,2 милиони евра помалку приходи и исто толку помалку расходи.
Како што беше наведено, буџетскиот дефицит останува на 4,1 процент од бруто домашниот производ. Министерката оцени дека „вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови, но и потврда дека јавните финансии ги управуваме одговорно и со јасни приоритети“. Таа додаде дека се обезбедува „стабилен буџет, редовно финансирање на сите обврски и заштита на граѓаните“.
Во образложението на ребалансот беше истакнато дека се прават корекции таму каде што се неопходни, се штеди каде што е можно, но се продолжува со инвестирање во области важни за идниот економски раст. Според министерката Димитриевска Кочоска, новиот ребаланс е проектиран за навремено усогласување на буџетските проекции со состојбите во економијата до крајот на годината.
Таа посочи и дека „инфлацијата е стабилизирана и нема да има прелевање на цените“, додавајќи дека тоа се однесува и на цената на нафтата. Според неа, целта на новиот ребаланс е да им се помогне на граѓаните во наредниот период.
Опозицијата, пак, оцени дека буџетот е во лоша состојба и дека тоа е последица на, како што наведува, неправилни владини проекции. Од таму порачаа дека „ребалансот е поради катастрофалната состојба со буџетот и потфрлање во приходите“. Во критиките се наведува и дека наместо кратење на непродуктивните трошења, запирање на луксузот и партиските тендери, повторно се оди со нови задолжувања.
Од Владата соопштија дека пред два дена државата се задолжила со 150 милиони евра на меѓународниот пазар, наместо претходно предвидените 250 милиони евра. Според информациите, средствата ќе се искористат за враќање на надворешен долг, при што 100 милиони евра се наменети за отплата на камати, а 54 милиони евра за исплата на главница.