Во Скопје е регистриран нов смртен случај поврзан со западнонилската треска. Почина 72-годишен маж кој бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, кај кого се развила клиничка слика на менингитис. Ова е втор смртен исход поврзан со вирусот во рок од една недела.
На Инфективната клиника моментно се лекуваат 24 пациенти, а неколкумина се на механичка вентилација. Пред неколку дена почина и 83-годишен жител на Скопје, кој исто така бил лекуван таму. Кај него биле забележани вкочанет врат, нарушена свест и клиничка слика на менингитис, при што имал и други придружни заболувања. Присуството на вирусот беше потврдено со серолошко испитување на ликворот.
Поради ширењето на западнонилската треска, здравствените власти прогласија епидемија во повеќе делови на Скопје, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Драчево, Илинден, Трубарево, Јурумлери и Идризово. Најмногу заболени досега се регистрирани во Драчево.
Западнонилскиот вирус најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец. Според Институтот за јавно здравје, околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, додека кај помалку од еден процент може да се развие тешка невроинвазивна форма со воспаление на мозокот или мозочните обвивки. Ризикот од тежок исход е поголем кај повозрасните лица. Најчести симптоми се покачена температура, треска, главоболка, слабост и болки во мускулите и зглобовите.
За вирусот нема специфична терапија за луѓето, па како главна превентивна мерка здравствените власти ја посочуваат заштитата од убоди од комарци.