Актуелниот закон за Академијата на судии и јавни обвинители е неконзистентен во голем дел бидејќи се правени неколку измени и дополненија што го прават проблематичен во неговата примена и затоа е потребно да се донесе нов закон, вели директорката на Академијата Наташа Габер Дамјановска. Во него се предлага идните судии и обвинители да не мораат да имаат просечна оценка над 8, бидејќи како што рече Дамјановска постои различен квалитет на оценување.
Намерата да се протурка овој закон со што се злоупотребува и европското знаменце за тој набрзина да биде донесен предизвикува сомнение бидејќи во него има одредби кои се многу полоши од актуелниот закон, обвини Антонио Милошоски. Субјективизмот ќе биде главниот критериум при оценувањето, вели тој. Обвини дека во делот на полагањето на странски јазик се прават измени за агенцијата кај која треба да се полага да ја спроведува фирма која е блиска до генералниот секретар на Владата.
Од Адвокатската комора го критикуваа решението Министерството за правда да има свој претставник оценувајќи го како директно мешање и обид за влијание од извршната во судската власт.
