Свет

Нова дипломатска иницијатива: САД и Иран во Доха, но Техеран негира директни разговори

Нова дипломатска иницијатива: САД и Иран во Доха, но Техеран негира директни разговори

Во обид да се намалат тензиите на Блискиот Исток, во Доха се одржуваат нови дипломатски активности поврзани со односите меѓу САД и Иран. Иако Катар соопшти дека претставници на двете земји пристигнале на разговори, Техеран негира дека е договорена директна средба со американската делегација.

Иранските власти соопштија дека нивните претставници нема да преговараат директно со американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ниту со високиот советник Џаред Кушнер. Наместо тоа, тие ќе одржат консултации со катарските посредници околу деталите на можниот рамковен договор.

Според Техеран, главен приоритет на разговорите остануваат одмрзнувањето на иранските финансиски средства во странство и укинувањето на санкциите што се однесуваат на извозот на иранска нафта.

Дипломатските контакти следуваат по четиридневните судири во Ормускиот Теснец, и покрај претходно потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу САД и Иран, чија цел беше прекин на конфликтот. По последната ескалација, двете страни вчера ги запреа меѓусебните напади.

Засега не е познато дали американските и иранските претставници ќе седнат на иста маса или разговорите ќе се водат индиректно преку посредници. Според најавите, консултациите во Доха треба да се одвиваат на техничко ниво, со учество на претставници од Катар, а можно е во процесот да бидат вклучени и пакистански претставници.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни