Нова ера за прилепскиот гигант: Одобрен планот за реорганизација на „Еурокомпозит“ – влегуваат македонски и полски инвеститор

Се наѕира крај на неизвесноста за некогашниот гигант за наменска индустрија „11 Октомври – Еурокомпозит“. Основниот суд во Прилеп донесе решение со кое се одобрува планот за реорганизација на компанијата, со што се отвора пат за влез на нови инвеститори и рестартирање на капацитетите.

Според најновата објава од Централниот регистар, која стапи на сила на 26 декември 2025 година, официјално е усвоен предлогот за реорганизација на стечајниот должник. Со ова решение, компанијата не оди во ликвидација, туку добива шанса за опстанок преку инвестициски влез.

Се вчитува...

Кои се новите сопственици?

Во решението на Судот (СТ.бр.80/21 од 05.12.2025) стои дека планот за реорганизација е изготвен од довертелите, а како клучни инвеститори се јавуваат две компании:

  • „ФУТУРА МОДА Д&А ДООЕЛ“ од Скопје
  • „FHR ARMORL LOGISTICS Sp. z.o.o“ од Полска

Овие компании, согласно планот, ги стекнуваат правата и обврските на должникот. Мерките што ќе се преземаат се во насока на заживување на производството на производи со посебна намена.

Што значи ова за постапката?

Со правосилноста на ова решение, стечајната постапка (која беше отворена уште на 30 ноември 2022 година) се запира, а компанијата продолжува да работи според усвоениот план за реорганизација. Надзорот и контролата врз спроведувањето на овој план ќе ги врши стечајниот управник Љубица Зајкоска, а трошоците паѓаат на товар на инвеститорот.

Оваа вест доаѓа како позитивен сигнал за стопанството во Прилеп, со оглед на тоа што „Еурокомпозит“ со години се соочуваше со финансиски потешкотии и неизвесна судбина за вработените. Влезот на странски капитал од Полска, во комбинација со домашен партнер, најавува сериозни намери за враќање на компанијата на пазарот на наменска индустрија.