Светската здравствена организација (СЗО) издаде сериозно предупредување бидејќи раните индикации укажуваат на можноста за нова глобална епидемија на чикунгунија, слична на онаа во 2004 и 2005 година, кога вирусот се прошири од островите во Индискиот Океан на остатокот од светот, инфицирајќи речиси 500.000 луѓе.
Од почетокот на 2025 година, големи епидемии се регистрирани на островите Реунион, Мајот и Маврициус (источно од брегот на Африка и Мадагаскар), а СЗО проценува дека една третина од населението на Реунион веќе е заразено, изјави за АФП Дијана Рохас Алварез, технички раководител на СЗО за чикунгунија.
Чикунгунија не е болест која е широко позната, но е откриена и се пренесува во 119 земји низ целиот свет, ставајќи 5,6 милијарди луѓе во опасност, додаде таа.
Сегашниот географски модел наликува на оној од 2004 година, при што преносот на вирусот е пријавен и во Мадагаскар, Сомалија и Кенија. Ширење на епидемијата се случува и во Јужна Азија, додека во Европа се пријавени увезени случаи, вклучувајќи локален пренос во Франција и сомнителни случаи во Италија.
Вирусот го пренесуваат комарци од видовите Aedes aegypti и Aedes albopictus, вториот познат како тигрест комарец. Климатските промени им овозможуваат на овие вектори да се шират кон север.
Симптомите вклучуваат треска и силна болка во зглобовите, што често се меша со денга треска или вирусот Зика. Иако стапката на смртност е помала од 1 процент, Рохас Алварез нагласи дека кога ќе почнете да броите милиони случаи, тој 1 процент може да значи илјадници смртни случаи.
Рано го креваме алармот за земјите да можат да се подготват навреме, да детектираат и да ги зајакнат сите капацитети за да избегнат големи епидемии, предупреди Рохас Алварез, објавува Dnevnik.hr.
СЗО советува користење репеленти и отстранување на застојана вода од контејнери како што се кофи, за да се спречи размножување на комарци.