Македонија

Нова механизација за Комунална хигиена: Скопје доби возила за поефикасно собирање на отпадот

Нова механизација за Комунална хигиена: Скопје доби возила за поефикасно собирање на отпадот

Скопје добива нова механизација за одржување на јавната хигиена, со која се очекува да се подобри собирањето и транспортот на отпадот низ градот. Новите возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“ се обезбедени преку проект реализиран со поддршка од Светска банка.

Новата опрема беше промовирана од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според Ѓорѓиевски, набавката треба значително да ги зголеми капацитетите на комуналното претпријатие и да овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот, со крајна цел подобрување на јавната хигиена и условите за живот во градот.

Градоначалникот потсети дека сметот и преполните контејнери со години претставуваат еден од најголемите комунални проблеми во Скопје.

Покрај возилата обезбедени преку проектот со Светска банка, Град Скопје најавува и дополнителна набавка на специјализирана механизација со сопствени средства. Во завршна фаза, според Ѓорѓиевски, е и постапката за набавка на повеќе од 3.300 нови контејнери.

„Со обновена механизација, нова опрема и подобра организација“, порача градоначалникот, „му ставаме крај на долгогодишниот проблем со сметот“.

Ѓорѓиевски упати благодарност до премиерот Мицкоски и до вицепремиерот Николоски за поддршката, како и до Светска банка за учеството во реализацијата на проектот преку кој се обезбедени новите возила.

Од Град Скопје посочуваат дека подобрувањето на јавната хигиена треба да биде континуиран процес, со активности насочени кон сите населби и улици во главниот град.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни