Нови 130 војници од денеска дел од АРМ

Нови 130 војници од денеска се дел од професионалниот состав на Армијата на Република Македонија. На свеченоста во касарната „Илинден“ на третата класа нови професионални војници за 2018 година им се обрати министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – мајор Васко Ѓурчиновски и заменикот – министер Беким Максути.

„Добредојдовте во Армијата на Република Македонија. Вие сте уште еден доказ дека за нас зборот е навистина збор, дека она што сме го најавиле, знаеме да го исполниме. Најавив дека 2018 година АРМ ќе се подмлади и ќе се засили со 375 нови професионални војници. Вие ќе бидете новата енергија, новиот мотив, новиот капацитет на Армијата на Република Македонија. Ќе бидете уште еден доказ и уште една причина за сигурноста, безбедноста и спокојството на граѓаните на нашата татковина“, рече министерката Шекеринска.

Се вчитува...

Шекеринска истакна дека Македонија ги сруши бариерите, ја доби поканата за членство во НАТО, ги започна и заврши пристапните разговори. „Поканата за НАТО е нашиот најголем успех годинава за одбраната и државата, a за мене драг успех е решавањето на еден од долгогодишните проблеми, проблемот со елементарната и логистичка поддршка, проблемот наречен чизми и униформи“, рече министерката. Таа информираше дека испораката на 7.000 пара чизми до секој припадник на Армијата е започната, а потпишан е договорот за 14.000 нови униформи, односно по два комплета за секој војник.

Извор: ТВ21