Македонија

Нови откритија на „Старо Бонче“: Средновековни гробови потврдуваат дека локалитетот имал култен карактер

Нови откритија на „Старо Бонче“: Средновековни гробови потврдуваат дека локалитетот имал култен карактер

На археолошкиот локалитет „Старо Бонче“ се откриени остатоци од средновековни погребувања кои датираат од XI и XII век. Овие најнови наоди се од исклучително значење за македонската археологија бидејќи потврдуваат дека оваа локација го зачувала својот култен карактер и била место на почитување од страна на тогашното население и во средновековниот период.

Истражувањата ги спроведува стручен тим од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, предводен од проф. д-р Антонио Јакимовски, во соработка со прилепскиот Завод и музеј и археолозите Душко Темелкоски и Оливера Јандреска.

Локалитетот го посети градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој истакна дека општина Прилеп активно продолжува да ги поддржува археолошките истражувања, заштитата и промоцијата на културното наследство.

– Наша обврска е да помогнеме овие вредни сведоштва од минатото да бидат истражени, сочувани и претставени пред јавноста, но и да создадеме услови „Старо Бонче“ да го добие заслуженото место на мапата на значајните археолошки локалитети – изјави Проданоски.

За подобрување на пристапноста, локалната самоуправа најави изработка на проект за изградба на нов локален пат од селото Бонче преку „Старо Бонче“ до селото Подмол, како и целосна рехабилитација на пристапот до кралската гробница.

Проданоски додаде дека Општината ќе му даде целосна поддршка на Заводот и музеј – Прилеп во понатамошната процедура за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на ова културно добро, со цел гробницата да стане еден од клучните туристички и културни приоритети во регионот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни