Македонија

Нови пожари горат низ Македонија, Ангелов: Опасноста од ширење е голема

Нови пожари горат низ Македонија, Ангелов: Опасноста од ширење е голема

И покрај интервенциите на пожарникарите и воздухопловните единици, опасноста од пожари на отворен простор и натаму е висока. Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 30 пожари низ земјава, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Најголем дел од пожарите биле локализирани или ставени под контрола со ангажман на локалните противпожарни единици, тимови на ДЗС, ер-трактори и полициски хеликоптер.

Во меѓувреме, пожарот што со денови ја зафаќаше планината Китка е ставен под целосна контрола. Ангелов информира дека последната поголема интервенција се одвивала во текот на ноќта, кога еден од главните краци на пожарот бил пресечен на асфалтираниот пат кон селото Палиград.

И вториот крак на пожарот, кој се движел од спротивната страна, е ставен под контрола. Во моментов има само чадење во еден дол, кој е целосно опколен со пожарна линија.

Очекувањата се пожарот на Китка во текот на денот да биде прогласен за целосно затворен. Сепак, Ангелов предупредува дека опасноста не е завршена и дека постои ризик од ново палење во близина на веќе погоденото подрачје.

Тој упати апел до жителите на селата во подножјето на Китка, на територијата на Општина Студеничани, да пријават доколку забележат сомнителни лица со канти на кои има траги или мирис на бензин или друг запалив материјал. Случаите може да се пријават во полиција, противпожарните единици или на телефонскиот број 112.

Нов пожар кај Копаница се движи кон Тетово

Во текот на денот се активирале и два нови поголеми пожари. Едниот е над селото Копаница во Општина Сарај, на планината Жеден, при што огнената линија се движи во правец кон Тетово.

Ангелов посочи дека во истиот регион пред неколку дена бил изгаснат пожар, а за новиот постои сомневање дека е намерно предизвикан. Полицијата работи на утврдување на причините и евентуално откривање на сторителите.

Силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето, а пожарот брзо се движи кон сртот на планината. Поради тоа се активирани ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Станува збор за пожарна линија долга неколку километри. Засега огнот не зафаќа густа шума, туку претежно сува трева, грмушки, трње и друга ниска вегетација. Сепак, сувите услови и ветерот создаваат сериозна опасност од негово дополнително ширење.

Огнот кај Тетово се шири кон Шар Планина

Вториот голем пожар е регистриран во Тетовско, во близина на православните гробишта. Поради силниот ветер, огнот брзо се движи во правец на Шар Планина.

На терен се тетовските пожарникари, а во гаснењето е вклучен и полициски хеликоптер, кој обезбедува воздушна поддршка со цел пожарот што поскоро да биде ставен под контрола.

Од надлежните институции апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни и навремено да пријавуваат секоја појава на пожар или сомнително однесување, со оглед на високата опасност од брзо ширење на огнот во услови на суво време и засилен ветер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни