Свет

Новинарка кон Лавров: Крвта на Полина е на вашите раце – Лавров: И Киев убиваше!

Новинарка кон Лавров: Крвта на Полина е на вашите раце – Лавров: И Киев убиваше!

Репортерот на Канал 4 го праша рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дали Русија подготвува одбрана за потенцијално судење за воени злосторства, откако Меѓународниот кривичен суд потврди дека спроведува истрага.

„Имате публика и секако сакате да ги кревате тензиите. Ова што го правите не е работа на медиумите, тоа е инструмент за ставање идеи во главите на вашите гледачи“, одговори Лавров.

Лавров истакна дека не оправдува никакви дејствија што довеле до смрт на цивили.

„Ние не го измисливме терминот „колатерална штета“. Тоа го измислија нашите западни партнери во нивните авантури во Ирак, Либија и така натаму. Дали со исти емоции ја следевте ситуацијата во Ирак и Либија, каде што умираа стотици и илјадници цивили? Не можам да се сетам на тоа“, ја праша Лавров новинарката.

Новинарката одговори: „Да, тогаш тоа го направив, но сега ја започнавте војната и крвта на Полина е на вашите раце.

Таа мислеше на девојка која беше убиена во рускиот напад пред неколку дена.

„Ова е како телевизиско шоу. Доколку сакате да го слушнете мојот став, јас детално објаснив, вклучително и хуманитарниот аспект на операцијата. Се разбира, разбирам дека ќе известувате како што сакате, но сакам да ве потсетам дека и новинарите имаат совест. Запомнете како се однесувавте кога режимот во Киев убиваше девојки и жени во Донбас во последните осум години“, рече Лавров.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни