Само половина час по средбата на работните групи за Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите. Антонио Милошоски рече дека доставиле две барања и тоа за јавна расправа за предлог законот што им било веднаш прифатено, но и дека бараат присуство на јавниот обвинител Љубомир Јовевски и без него нема да ги продолжат преговорите. Истакна дека забелешките кои ги има ВМРО-ДПМНЕ не ги доставиле до СДСМ и дека ќе ги достават кога ќе биде присутен Јовевски.
Министерката за правда Рената Дескоска рече дека барањето за Јовевски можеле и претходно да го соопштат, но дека го оставиле како алиби за повторен обид да се блокира донесувањето на законот.
Инаку денешната средба се одвиваше во проширен состав, покрај од ВМРО-ДПМНЕ на неа присуствуваа пратеници и од сите пратенички групи во Собранието, потоа од канцеларијата на Европската унија, од амбасадата на Соединетите Американки Држави како и претставници на Блупринт групата. Од оваа група испратија соопштение во кое најавија дека ќе продолжат и натаму будно да го следат процесот на донесување на законот и ќе реагираат со свои ставови и коментари. Инаку, ова е прва средба на работните групи за законот за јавното обвинителство по подолг период, откако од септември досега немаше преговори.