ИТАЛИЈАнско-францускиот конзорциум Ени-Тотал откри големо ново наоѓалиште на природен гас при дупчење на морското дно јужно од Кипар, објави владата во Никозија.
Се проценува дека резервите на тоа поле, кое се наоѓа на околу 160 километри југозападно од Кипар, се 85 милијарди кубни метри гас.
Во август, Ени веќе најде големо наоѓалиште на гас во истиот регион, кое се проценува дека содржи 70 милијарди кубни метри гас.
„Откритието на Кипар е важен чекор за Европа да се ослободи од зависноста од рускиот гас“
Според енергетските експерти во Кипар, најновото откритие е важен чекор за Европа на нејзиниот пат да се ослободи од зависноста од руските испораки на природен гас. Се верува дека има и други богати наоѓалишта на гас во источниот Медитеран.
Во 2011 година, американската енергетска компанија Нобл енерџи откри огромни наоѓалишта на гас во Кипарската ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) додека дупчеше источно од новооткриеното поле.
Депозитите се повод за геополитички спорови во регионот, забележува ДПА.
Соседна Турција, имено, ја оспорува ексклузивната економска зона на Кипар. Од 1974 година островот е поделен на грчки дел на југ и турски дел на север.