Иако температурите ќе останат високи, утрешниот ден ќе донесе променливо време со можност за локална нестабилност во попладневните часови, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозата, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне на места ќе има услови за појава на пороен дожд и грмежи.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој повремено ќе засилува долж Повардарието.
Минималните температури ќе се движат од 9 до 20 степени Целзиусови, додека максималните ќе достигнат од 26 до 36 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Во попладневните часови, особено во делови од Скопската Котлина, можна е појава на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.
Од УХМР најавуваат дека во следниот период ќе преовладува претежно стабилно време, но со одредени исклучоци. Во четврток и недела локално се очекува развој на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.