Денеска градот Њујорк ќе го прослави излегувањето од тешкиот период на пандемијата од коронавирус.
Тоа ќе се случи со бесплатен концерт во Централ Парк.
„Го отвораме Њујорк за остатокот од светот, а музиката ќе биде катализатор!“, изјави продуцентот и организатор Клајв Дејвис.
Настанот под наслов „Ние го сакаме Њујорк: Концерт за враќање дома“ ќе содржи од класична до рап-музика, а меѓу изведувачите се Брус Спрингстин, Бери Манилоу, Андреја Бочели, „Килерс“, Пети Смит, Пол Симон и Њујоршката филхармонија.
Концертот е поддржан од градоначалникот Бил де Блазио и има за цел да ја прослави издржливоста на Њујорк, еден од најтешко погодените градови во САД од почетокот на пандемијата во 2020 година.
„Ова е прослава на нашиот град, на секое работничко семејство што се соочи со неверојатни предизвици лани и ги надмине“, нагласи Де Блазио.
Се очекува концертот да привлече околу 60.000 луѓе, а ќе биде и директно пренесуван на кабелскиот канал на Си-ен-ен.
На концертот ќе се пуштаат само лица со потврда за најмалку една примена доза вакцина или негативен тест за коронавирус.
