Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да му соопшти на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека е подготвен да дозволи враќање на Турција во програмата за борбени авиони Ф-35, објави весникот „Њујорк тајмс“.
Повикувајќи се на изјави од четворица високи претставници на американската администрација, весникот наведува дека во Вашингтон сè уште постојат различни ставови околу тоа како американскиот претседател ќе ги надмине законските ограничувања наметнати од Конгресот. Како едно од можните решенија за надминување на овие правни пречки, официјалните лица посочуваат дека би можела да се искористи размена на писма меѓу двајцата лидери.
„Подарок што многу ќе го израдува“
Оваа информација доаѓа како потврда на минатомесечната средба на Трамп со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Овалната соба. Тогаш, одговарајќи на прашање поврзано со испораката на Ф-35 и претстојниот Самит на Алијансата во Анкара, Трамп навести дека подготвува изненадување, нагласувајќи дека ќе му однесе подарок на Ердоган „кој многу ќе го израдува“.
Во истата прилика, американскиот претседател упати високи пофалби за воените капацитети на Анкара.
„Луѓето не знаат колку голема воена сила е Турција. Има многу силна армија“, истакна Трамп.
Потврдено присуство на Самитот на НАТО
Зборувајќи за своето учество на претстојниот Самит на НАТО, Трамп ги нагласи добрите лични односи со турскиот претседател, откривајќи детали од нивниот разговор.
„Ердоган ми се јави и ми рече: ‘Самитот е во Турција, мора да бидете таму’. Бидејќи имам почит кон претседателот Ердоган, ќе присуствувам на Самитот на НАТО“, изјави Трамп.
Евентуалното враќање на Турција во програмата за напредните борбени авиони Ф-35 би претставувало значаен пресврт и затоплување во воените и дипломатските односи меѓу Вашингтон и Анкара.