Македонија

Објавен исказот на Камчев за „Рекет“, Заев, Димитров и Шекеринска најавија тужби за клевета

Записникот од изјавата на Јордан Камчев за поднесувањето на кривична пријава против Бојан Јовановски и Зоран Милевски за „Рекет“ беше објавен на неколку интернет портали.

Обвинителството потенцира дека откривањето доверливи информации е кривично дело, вели дека објавувањето „освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел“ и најави дека ќе утврдува како „како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите“.

Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката. Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница“, изјавија од ЈО.

Во објавениот документ Камчев вели дека му бил понуден фиктивен проект од Бојан Јовановски за како што вели тој некој тип на Fashion Mall. По неколку денови му донел и потпишан договор од страна на компанијата за франшиза, а како директор бил потпишан синот на Катица Јанева, Лазар Јанев кој работеше во 1ТВ.

„Ја сфатив дека всушност се работи за фиктивен проект, бидејќи освен договорот не ми беше презентиран никаков бизнис план, што значи целта беше да се земат пари од мене“, се вели во записникот на Камчев.

По оваа објавата, неколку интернет портали пишуваа дека и премиерот Заев е дел од „Рекет“ по што тој денеска од Прилеп најави и тужби.

„Секако дека ќе тужиме, заради тоа што тоа не е точно. Апсолутно јас неколку пати отфрлав секаква, било каква поврзаност со Боки13, поврзана со случајот „Рекет“ и до ден денеска стојам на тие работи. Сакам да биде објавно, сакам да каже секој. Апсолутно обврска на обвинителството е да објави јавно, дали тоа е така кажано“, вели Заев.

По објавените текстови на сајтот „Република“ со реакција и најави за тужби се јавија и Никола Димитров и Радмила Шекеринска.

„Барам веднаш “Република” да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот “Рекет” и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам.

Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска“, напиша Димитров.

„Ќе ја тужам “Република” за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека, со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите “непознати” газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат“, изјави Шекеринска.

„Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита“, вели Ременски.

Во истрагата „Рекет“, осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра со тргување со влијание врз јавен обвинител и перење пари се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец, кои се во притвор од 15 јули, а третоосомничена е Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор од 21 август. Во разговорите меѓу осомничениот Боки 13 и сведокот Орце Камчев, објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, се слуша и гласот на Јанева. По објавувањето на снимките, таа кажа дека преговарала со Камчев преку посредник за да биде сведок во нова предистрага на нејзиното обвинителство.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни