Македонија

Образование со предрасуди и стереотипи – Марш на толеранцијата против дискриминацијата во училиштата

Маршот на толеранцијата оваа година го крена гласот против дискриминацијата во образованието. Малолетниците се најчесто жртви на омраза и вршење кривични дела кои произлегуваат од омразата, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет во Скопје, Уранија Пировска. Ова се случува бидејќи децата не се свесни за различностите во општеството, а уште помалку кога училиштето не им помага да ги надминат предрасудите и стереотипите кои ги имаат за “другиот“, туку книгите од кои учат се уште се со содржини кои содржат предрасуди за родовите, сексуалните и етничките разлики како и за улогата на жената.

Последните анкети кои ги спроведе Коалиција Маргини низ училиштата од земјава, покажуваат дискриминирачки пристап и многу стереотипи кај учениците, а според Драгана Дрндаревска, нив ги произведува нашиот образовен систем преку несоодветни учебници и неподготвени кадри за соочување со ситуациите.

Ова е 11 година по ред да се маршира за толеранција во општеството и за прифаќање на разликите. Годинешниот апел е образовните институции да работат повеќе и да направат измени, да ги сменат текстовите во учебниците, да има буџет за подготовка на кадри и да се подобри училишната инфраструктура.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни