Македонија

Обвинение за шест лица за сообраќајката на „Дурмо Турс“, знаеле дека автобусот е технички неисправен

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против шест лица осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс“ во која 16 лица го загубија животот, а вкупно 38 патници се здобиja со телесни повреди.

Обвинителството вели дека сопственикот на фирмата и одговорното лице за возниот парк, не се придржувале кон прописите за безбедност.

Сопственикот на „Дурмо Турс“ поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата.

-Не организирал ниту вршел контрола над целокупното работење на превозникот, не ги запознал возачите за придржување кон одредбите од Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај, не обезбедил редовно преземање на податоците од тахографот и не водел евиденција и проверка на времето на управување со возилата за секој возач посебно.-соопштија од ОЈО.

Иако не смеел, сопственикот раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Не се водела ниту соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во компанијата.

Сопственикот на фирмата-превозник не водел сметка за исправноста на аналогниот тахограф и дозволил да се изврши манипулација на овој уред за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот.

-Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице-управител-велат од ОЈО.

Три други лица, вработени во станицата за технички преглед, се обвинети дека во соизвршителство сториле кривично дело. Тие во извештаите на техничкиот преглед не ги навеле дефектите на автобусот.

Обвинет за истото кривично дело е и возачот на автобусот, бидејќи возел со 99 километри на час. Воедно, како што вели обвинителството, имало вклучен прекинувач поради кој на тахографот не се отчитувала вистинската брзина на движење на автобусот.

Обвинителството на судот му предлага на сите шестмина обвинети мерка притвор наместо куќен притвор.

Обвинение има и за управителот во компанијата, коj иако знаел за сето ова горе наведено, сепак потпишувал документи и одобренија.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни