Обвинителството бара куќниот притвор на поранешниот градоначалник на Кочани да остане во сила

Јавното обвинителство денеска се изјасни против барањето на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, да му се замени мерката куќен притвор со мерки за претпазливост.

На почетокот на денешното рочиште, судијката Диана Груевска-Илиевска побара од Обвинителството да се произнесе за барањето изнесено преку адвокатот Миле Лефков, кој го застапува Папазов.

„Јавното обвинителство во оваа фаза од постапката смета дека нема околности поради кои може да се укине мерката куќен притвор и да се замени со мерки за претпазливост. Затоа барањето треба да се одбие“, рече обвинителот Борче Јанев.

Судијката Груевска-Илиевска соопшти дека Судот ќе се произнесе за барањето на наредното рочиште.

Инаку, Папазов денеска беше спроведен во судницата во Идризово со полициска придружба. Тој беше градоначалникот за време на трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.