Македонските компании од 1 јули ќе плаќаат пониски царини за увоз на 70 суровини и репроматеријали, откако Собранието денеска ги усвои измените на Законот за Царинската тарифа. Со мерката се очекува да се намалат производствените трошоци и да се подобри конкурентноста на домашната индустрија.
Со законските измени се врши дополнително усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија, во согласност со владината програма за периодот 2024-2028 година и определбата за поддршка на стопанството.
Според Министерството за финансии, пониските царини ќе овозможат поповолни услови за работа, особено за компаниите од преработувачката индустрија, а се очекува позитивен ефект и врз извозот, инвестициите, отворањето нови работни места и девизниот прилив.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека со усвојувањето на законот Владата испраќа јасна порака дека останува посветена на создавање поконкурентна и поотпорна економија.
„Од 1 јули компаниите ќе имаат пониски трошоци за набавка на суровини и репроматеријали, што директно ќе влијае врз нивната продуктивност, конкурентност и извозен потенцијал. Нашата цел е македонските компании да имаат услови споредливи со оние во Европската Унија, да инвестираат повеќе, да отвораат нови работни места и да создаваат поголема додадена вредност во економијата“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Измените се подготвени во соработка со стопанските комори и претставуваат продолжение на реформите започнати минатата година, кога за првпат беа намалени царинските стапки за дел од суровините и репроматеријалите.
Со новите законски решенија се предвидува целосно усогласување на царинските стапки за овие производи со правилата што важат во Европската Унија, при што се почитуваат и стандардите на Светската трговска организација.
Од Министерството очекуваат мерката да даде најголем ефект во автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, преку зголемена конкурентност, поголем извоз и нови инвестиции.