Од јануари се враќа воениот рок во Хрватска

Хрватска ќе го врати задолжителното основно воено образование, кое ќе трае два месеца и ќе започне во јануари 2026 година, објави хрватската новинска агенција ХИНА. Регрутите ќе примаат месечна парична надоместка од 1.100 евра.

Лицата кои по верски или етички причини ќе побараат ослободување од воена служба, ќе имаат можност да поминат тримесечна обука за цивилна заштита или пак, четири месеци да работат во општински или градски институции, со работно време од пет дена во неделата, осум часа дневно.

Министерот за одбрана Иван Анушиќ и началникот на Генералштабот Тихомир Кундид вчера ги презентираа клучните документи поврзани со повторното воведување на задолжителната воена служба, која претходно беше укината во 2008 година.

Анушиќ истакна дека измените на законот се очекува да бидат усвоени во парламентот во септември или октомври, по што ќе бидат испратени повици до околу 20.000 млади лица кои ќе бидат повикани на медицински прегледи.

Според него, новата мерка е одговор на променетата глобална геополитичка и безбедносна ситуација, како и зачестените климатски катастрофи и други предизвици, со цел младите да стекнат основни воени и кризни вештини, како и да се зајакнат активните и резервните сили.

Првите регрути ќе започнат со обука во јануари 2026 година, а годишниот буџет за воената обука се проценува на околу 20 милиони евра. Цивилната алтернатива ќе чини околу 15 милиони евра годишно.

Жените се ослободени од задолжителната служба, но можат доброволно да се пријават за воена обука.

Хрватските државјани се впишуваат во воениот регистар на 18-годишна возраст и се повикуваат на обука во годината кога ќе наполнат 19 години. Обуката може да се одложи до 29 години за студенти, а спортистите можат да добијат дополнително одложување од една година поради учество на меѓународни натпревари.