Наставниот кадар во основните и средните училишта ќе добие ново зголемување на платите од март следната година. Покачувањето ќе изнесува најмалку 7,5 проценти, а средствата за оваа намена веќе се обезбедени во државниот буџет, потврди министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека со ова продолжува исполнувањето на најавените мерки за подобрување на материјалниот статус на просветните работници.
„Тоа што го ветивме, го остваруваме“, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, која се одржа во Скопје.
Осврнувајќи се на промените во финансирањето на училиштата, министерката објасни дека новиот модел за распределба на блок-дотациите има цел да обезбеди поправедна распределба на средствата и поефикасна организација на училишната мрежа.
Според Јаневска, образовниот систем со години се соочувал со финансиски и организациски недостатоци, поради што е неопходна постепена оптимизација.
Досега, во рамки на овој процес, биле споени 433 паралелки, а активностите ќе продолжат и во следните години. Наставниците кои поради намалувањето на бројот на паралелки ќе имаат помал фонд на часови, ќе можат да бидат распоредени на други образовни задачи.
Во основните училишта се предвидува нивно вклучување во дневниот престој, додека во повисоките одделенија и средните училишта ќе работат со талентирани ученици, ќе им помагаат на оние кои имаат потешкотии во совладувањето на материјалот и ќе учествуваат во воннаставни и општествено корисни активности.
Планот на Министерството е оптимизацијата да биде завршена во период од четири до пет години.
Јаневска истакна и дека во иднина мора да се внимава при отворањето нови работни места во училиштата. Според неа, образовните институции во минатото често биле користени како начин за социјално згрижување на невработени наставници, без доволно да се земат предвид реалните потреби на училиштата и бројот на ученици.
Таа порача дека општините треба поодговорно да управуваат со средствата наменети за образованието, а реформите да придонесат за подобра организација на наставниот кадар и повисок квалитет на наставата, без негативни последици врз учениците и образовниот процес.