Македонија

Од утре пријавување за студентски оброк: Бруцошите добиваат по 140 денари дневно

Од утре пријавување за студентски оброк: Бруцошите добиваат по 140 денари дневно

Студентите од утре, 26 август, ќе можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк, соопшти Министерството за образование и наука. Јавниот повик се однесува на редовни студенти на прв и втор циклус студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети.

Правото на субвенциониран оброк го имаат студентите кои немаат месечни приходи по кој било основ повисоки од минималната нето-плата во земјава за тековната година.

Субвенцијата изнесува 140 денари дневно, средства наменети за купување приготвена храна.

Правото важи и за бруцошите

На повикот можат да се пријават и студентите кои годинава првпат се запишуваат на факултет. Од МОН појаснуваат дека бруцошите, како редовни студенти, имаат право на субвенциониран студентски оброк од 140 денари дневно, шест дена во неделата.

Студентите кои нема да го остварат правото преку првичниот повик, како и оние на кои подоцна ќе им престане правото поради неисполнување на некој од условите, ќе можат повторно да аплицираат.

Од октомври пријавувањето ќе се одвива во првите пет дена од секој месец, доколку студентот повторно ги исполнува предвидените критериуми.

Бруцошите имаат ограничени можности за стипендии

Финансиската поддршка за студентите кои првпат се запишуваат на факултет и понатаму останува посебно прашање, бидејќи дел од студентските стипендии се доделуваат врз основа на успехот од претходната академска година.

Бруцошите немаат претходна академска година на факултет врз основа на која би можеле да го исполнат овој критериум.

Од МОН посочуваат дека за нив се достапни одредени категории стипендии, особено оние со кои се стимулира запишувањето на дефицитарни студиски програми.

Пријавувањето за студентски домови почнува на 14 септември

Бруцошите ќе можат да аплицираат и за место во студентските домови по физичкото запишување на факултетите и доставувањето на потребните оригинални документи.

Според конкурсот на МОН, пријавувањето за студентите од прва година ќе трае од 14 до 20 септември 2026 година, а конечната листа треба да биде објавена најдоцна до 30 септември.

За студентите се обезбедени вкупно 3.500 места, а од МОН велат дека сите кои ги исполнуваат условите ќе бидат сместени.

Во Скопје се предвидува целосно реновирање на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, по што до крајот на годината треба да започне реконструкцијата и на преостанатите седум нереновирани домови.

Во Охрид студентите ќе се сместуваат во објект на МВР

Прашањето со сместувањето на студентите во Охрид останува отворено по затворањето на домот „Никола Карев“.

Од МОН информираат дека како решение ќе биде понудено сместување во објект кој се користи како летувалиште на Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството додаваат дека раководството на домот поднело оставка, додека последниот утврден долг сè уште не е подмирен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни