Краткотраен дожд проследен со силен ветер попладнево околу 18 часот ја зафати Лозница, додека силно олујно невреме во текот на попладневните часови го погоди и чачанскиот крај. Како што јавува Радио-телевизија Србија (РТС), силниот ветер во Лозница предизвикал материјална штета, кршејќи гранки и носејќи делови од лимени покриви.
Во чачанското село Пријевор неколку минути паѓал град со големина на лешник, а невреме проследено со силен град ја погодило и Љубовија. Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) во 18 часот издаде предупредување дека во наредните два часа на подрачјето на Колубарскиот и Мачванскиот округ се очекуваат поројни дождови, грмежи, силен ветер и краткотраен град.
И покрај локалните непогоди, во поголемиот дел од Србија и понатаму е на сила црвениот метео-аларм поради екстремно високите температури. Живата во термометарот денеска достигна до 40-тиот степен, а во 18 часот најтопло било во Палиќ, Зрењанин и Кикинда, каде се измерени 38 степени. Само еден степен помалку е регистриран во Белград, Сомбор, Велико Градиште и Неготин.