Одбележан светскиот ден на срцето – 17.9 милиони луѓе во светот годишно умираат од кардиоваскуларни болести

Во 2018 во Македонија, 10 илјади луѓе починале од кардиоваскуларни болести, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година на светско ниво од кардиоваскуларни болести умираат околу 17.9 милиони луѓе. Меѓу првите фактори кои предизвикуваат болести на срцето се цигарите и високиот крвен притисок.

Според статистиката на СЗО жените повеќе страдаат од болести за срцето. Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје вели дека загрижува фактот што се повеќе се намалува возрасната граница на пациентите со болести на срцето. Од Институтот апелираат за редовни контроли на здравјето.

Во Европа ¾ од смртните случаи се предизвикани од кардиоваскуларни и малигни болести. Поради нездравиот стил на живеење, овие болести се присутни и кај младите. Од организацијата за кардиоваскуларни болести Здрава Иднина, велат дека кардиоваскуларните болести претставуваат голем здравствен проблем во земјава и светот.

Денеска на одбележувањето на Светскиот ден на срцето, за заштита од болести на срцето, Институтот за Јавно здравје препорача да се консумира овошје и зеленчук, да се избегнува храна која го покачува нивото на шеќер и маснотии во крвта, да се практикува физичка активност и да се избегнуваат цигарите.

Извор: ТВ21