Свет

Огнена стихија во Франција: Евакуирани илјадници луѓе, загрозен и „Тур де Франс“

Огнена стихија во Франција: Евакуирани илјадници луѓе, загрозен и „Тур де Франс“

Шумските пожари ги принудија француските власти да евакуираат илјадници луѓе на југот од земјата, додека Европа се соочува со последиците од раниот летен топлотен бран што го зафати поголемиот дел од континентот.

Над 10.000 луѓе добија наредба да напуштат повеќе од десетина помали градови и села во подножјето на француските Пиринеи, близу границата со Шпанија.

Пожарот, кој изби кај местото Тревијак (Trévillach) во близина на Перпињан, веќе зафати најмалку 4.600 хектари, соопшти локалниот префект Пјер Рењо де ла Мот.

„Условите повторно се влошуваат. Борбата продолжува“, предупреди министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, во вклучувањето на француската телевизија TF1. Надлежните стравуваат дека силниот ветер дополнително ќе го распламти огнот.

„Се приближи до куќите на само 300 метри. Бевме шокирани од брзината на ширењето, беше застрашувачки – на граница на паника“, изјави Патрис, жител на Тревијак, за агенцијата AFP.

Ограничувања за навивачите на „Тур де Франс“

Поради сериозноста на ситуацијата, од гледачите на престижната велосипедска трка „Тур де Франс“ беше побарано да не доаѓаат на завршницата од третата етапа, за да се овозможи непречен пристап на возилата на итните служби.

Третата етапа, долга 195,9 километри, започнува во шпанскиот град Гранољерс, а завршува во местото Ле Англ, во францускиот департман Источни Пиринеи.

„Пожар од вакви размери бара посебни мерки за време на ‘Тур’. Ја повикуваме јавноста да не доаѓа покрај самата патека ниту на местото на целта“, изјави директорот на трката, Кристијан Прудом.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека Европската Унија ќе испрати четири авиони како помош за гаснење на пожарите.

Гори и во Шпанија

Пожарите ја погодија и соседна Шпанија, каде се уништени повеќе од 2.200 хектари во природниот резерват Ле Гаварес. Каталонските власти соопштија дека овој пожар е стабилен и се очекува да биде целосно изгаснат во текот на неделата. Сепак, во источната провинција Кастељон, околу 500 луѓе беа евакуирани откако друг шумски пожар навлезе во националниот парк Сиера де Еспадад.

Европа се соочува со екстремни температури

Температурите на југозападот на Франција оваа недела повторно би можеле да достигнат 40 Целзиусови степени, а веќе ја поминаа оваа граница во делови од Португалија и Шпанија.

„Иако е малку веројатно дека овој топлотен бран ќе ги собори рекордите од јуни, тој сепак ќе биде исклучителен за овој период од годината. Бидејќи жештините ќе потраат и следната недела, ризикот од дополнителни шумски пожари останува висок“, вели Мет Тејлор, главен метеоролог на BBC.

За време на рекордниот јунски топлотен бран, кога беа измерени 42 степени, во Франција беше забележан најтоплиот ден во историјата на мерењата. Овие екстремни горештини однесоа и човечки жртви – регистрирани се најмалку 2.025 дополнителни смртни случаи во Франција, 1.222 во Белгија и околу 480 во Холандија.

Според климатската служба „Коперникус“, Европа е континент кој се загрева најбрзо во светот – двојно побрзо од глобалниот просек, што резултира со посилни летни топлотни бранови, зголемен притисок врз водоснабдувањето и поинтензивни шумски пожари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни