Катастрофални пожари беснеат низ неколку европски земји, вклучувајќи ги Италија и Португалија, но најкритична е состојбата во Франција и Шпанија. Во продолжение е преглед на најважните информации за огнената стихија што ја зафати Европа:
Во Шпанија, шумскиот пожар кој веќе го доби епитетот „чудовиште“ и се смета за најголем во историјата на земјата, беснее во регионот Сиера Оесте, западно од Мадрид. Иако службите за итни случаи соопштија дека пожарот е главно локализиран и не се проширил во текот на ноќта, сите погледи сега се насочени кон источниот дел на земјата, поточно во близина на Валенсија, каде што се појавуваат нови жаришта.
Југозападниот дел на Франција е најтешко погоден од огнената стихија. Во околината на Бордо веќе е изгорена површина четири пати поголема од територијата на Париз. Посебно драматично е во регионите Жиронда и Ланд, каде што дел од жителите мораа да бидат евакуирани со чамци, бидејќи пламенот буквално го опколи крајбрежјето.
Иако француските власти потврдија дека ширењето на пламенот е привремено запрено во текот на ноќта, ситуацијата останува непредвидлива поради променливите ветрови, сувата вегетација и новиот топлотен бран. Температурите во Бордо денеска повторно достигнаа критични 40°C.
Од почетокот на ширењето на пожарите минатата среда, повеќе од 360.000 луѓе се евакуирани од своите домови ширум Франција и Шпанија. Благодарение на напредокот на пожарникарите, на илјадници граѓани им е дозволено да се вратат, но многумина стравуваат дека ќе затекнат само пепел од своите домови.
Интензивните топлотни бранови кои ги исушија шумите се главниот двигател на овие еколошки катастрофи, што предизвика бран апели за итна акција против климатските промени. Статистиката е алармантна: Шпанија имаше рекорден број пожари во изминатата година, но само овој бран веќе изгоре површина еднаква на 40% од ланскиот црн рекорд. Во Франција, пак, годишниот просек на големи пожари меѓу 2008 и 2015 година изнесуваше 15, додека само досега се регистрирани повеќе од 300 големи пожари.