Пред 5 дена, ТВ21 известуваше за проблемот на класните раководители од општина Куманово, кои се пожалија дека добиле писмено известување дека нема да добијат додаток за три месеци.
Кога го прашавме градоначалникот Максим Димитриевски, тој се изненади на прашањето и вели дека не е запознаен со ова и не упати да се обратиме до Министерството за образование.
Денеска го побаравме повторно телефонски, но тој немаше време поради пренатрупана агенда. Сепак, судејќи според изјавата дадена за порталот „Куманово њус“, се чини дека градоначалникот Димитриевски знаел за дописот до училиштата и потврди дека бил испратен допис.
Но, причините според него се поинакви, од оние кои ги кажуваат дел од наставниците.
„Во самото писмено известување од служба за финансиски работи е објаснето дека тие средства ќе бидат исплатени во месецот декември по однос на заостанатите месеци и се работи за манипулација во јавноста од поединци вработени во образовниот процес кои нелегитимно сликале интерен документ, за кој ги повикувам државните органи да спроведат постапка“.
Кога го посетивме пред неколку дена Куманово, голем дел од наставницие и директорите кои ги контактиравме и од кои побаравме изјава, не сакаа да зборуваат пред камерата. Единствено изјава прифати да даде Мустафа Ебиби, директор на училиштето „Бајрам Шабани“. Тој потврди дека добиле известување.
„Не, се уште немаме потпишано, тоа се правни работи, ние директорите немаме такви надлежности, но секретарите кои се економисти и правници ги знаат овие административни работи. Како што се зборува, тоа ќе биде компензирано по два месеца, верувам дека е оправдано, ќе се вратат тие пари.“, рече Ебиби.
Наставниците и класните раководители, кои веќе примиле октомвриска плата, за тв21 потврдиле дека платите ги промиле без додатокот, односно 1600 денари помалку. Тоа го потврдуваат овие документи.
Според наставниците кои ги контактираше ТВ21, а кои сакаа да останат анономни, од директорите им било кажано дека на некои ќе им бидат скратени додатоците во октомври, на некои во ноември, а потоа ќе им се компензираат во декември.