Олимпиецот Дејан Георгиевски денес се враќа во Македонија – еве каде и во колку е организиран пречекот

Македонскиот олимпиец Дејан Георгиевски и освоениот сребрен медал во Токио денес доаѓаат во Македонија.

Како што информираат од македонската таекводно федерација, главниот пречек за новиот спортски херој ќе се одржи во 19:30 часот на плоштадот во Скопје, веднаш во Триумфалната порта.

„Со почеток во 19:30 часот на плоштад веднаш до триумфалната порта Македонија да го пречекаме нашиот јунак, нашиот херој, нашиот олимписки сребрен медалист Дејан Георгиевски. Ве очекуваме во што поголем број, плоштадот да ни биде тесен, да покажеме што значи ова момче за Македонија, да покажеме што значи Македонија. Сите оние кои што сакаат да не’ пречекаат и на аеродром, можат да дојдат во 14:30 часот. Се гледаме утре на плоштад, 19:30 часот“, порачаа од таекводно федерацијата.

Во видео пораката која Георгиевски ја испраќа, ги повикува сите граѓани да дојдат во што поголем број и заеднички да го прослават историскиот успех во македонскиот спорт и сребрениот олимписки медал.