Хуманитарната координаторка на ОН за палестинските територии Лин Хестингс денеска предупреди дека „не останало безбедно место во Газа“ поради израелското бомбардирање на енклавата од почетокот на војната со Хамас на 7 октомври, пренесе Франс прес.
Хејстингс, рече во соопштението дека „пренапредните предупредувања“ издадени од израелската армија до луѓето да ги евакуираат областите што има намера да ги нападне „немаат никакво значење“. „Нема безбедно место во Газа“, додаде таа.
Исто така денеска, Обединетите нации предупредија дека горивото во Појасот Газа е при крај, принудувајќи ја организацијата остро да ги намали напорите за помош во блокираната енклава уништена од израелските воздушни напади откако пред повеќе од две недели милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел, според Асошиетед прес.
Предупредувањето дојде во време кога болниците во Газа, чии ресурси се при крај, се обидуваат да лекуваат голем број ранети.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш се соочи со реакција од Израел, откако рече дека нападот на Хамас што ја предизвика војната не се случил „во вакуум“.
Здравствените власти соопштија дека бројот на жртвите се зголемува, а израелските воени авиони продолжиле да ја гранатираат Газа. Работниците извлекоа мртви и ранети цивили, меѓу кои и многу деца, од урнатините на уништените згради низ целата енклава.
Министерството за здравство на Газа, контролирано од Хамас, соопшти дека повеќе од 750 луѓе починале во изминатите 24 часа. Асошиетед прес не можеше да го потврди бројот на загинатите од независни извори, а не се знаеше дали меѓу жртвите има и борци на Хамас.
Израелската армија, која го обвинува Хамас дека дејствува зад цивилното население, соопшти дека во нејзините напади загинале борците на групата и биле уништени воени цели.
Од почетокот на конфликтот, борците на Хамас во Газа не престануваат да гаѓаат ракети кон Израел.
Зголемениот број на жртви во Газа – откако претходниот ден беа убиени 704 луѓе – е без преседан во повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт. Може да има уште повеќе жртви доколку Израел ја започне очекуваната копнена операција насочена кон уништување на Хамас, посочува АП.