Онлајн продавница има дури 10.000 муштерии на листата на чекање за крофни

Онлајн продавницата за крофни во Њујорк, инспирирана од филипинската верзија на овој деликатес, стана толку популарна што привлече огромен број луѓе, а на својата листа на чекање има 10.000 клиенти.

Крофните „Кора“, компанија која започна како краткорочен проект откако нејзините основачи останаа без работа поради пандемијата, се приклучуваат на долгата листа на популарни пекарски производи во Њујорк, чија слава наеднаш расте.

Кимберли Камара започна да прави крофни во својот стан во Квинс во текот на летото 2020 година со нејзиниот партнер Кевин Борја, откако и двајцата ја загубија работата кога коронавирусот го зафати градот.

На почетокот, Камара и Борја се потпираа на помошта од пријателите и семејството за да ги достават до клиентите. Сега имаат пет вработени, индустриска кујна и сакаат да отворат дуќан.

Нивната онлајн продавница, која има повеќе од 38.000 следбеници на Инстаграм, привлече толку многу нарачки што кога нивната листа на чекање достигна 10.000, мораа да ја затворат додека ги обработуваат сите нарачки. Во моментов има уште околу 5.000 нарачки.

„Кога ја започнавме „Кора“, немавме намера да го претвориме во вистински бизнис“, рече Камара.

„Тоа беше нешто што мислевме дека ќе биде само сезонски проект, нешто што можеби ќе можеме да го започнеме и завршиме за неколку месеци во текот на летото 2020 година“, објасни таа.

Како што растеше побарувачката за крофни, тие продолжија да се прошируваат.

“Тоа е навистина врска што успеавме да ја направиме со луѓето преку крофни. Без разлика дали е тоа носталгија, раскажување приказни – луѓето можат да се поврзат со многу приказни за тоа како дојдов до одредени вкусови и ги оживеав преку крофните”, рече Камара. .

Една од нивните препознатливи креации е крофна „лече флан“, направена од тесто од бриош по рецепт на покојната баба на Камарина, Корасон, од книга што ја нашла по смртта на нејзината баба.