Општина Карпош иницираше работна средба во врска со салата „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан), на која присутвуваа претставници од Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти.
„Почнуваме иницијатива за спас на салата Партизан и враќање на стариот сјај на овој објект“, беше заклучокот од денешната средба.
Во изминатиов период, целата јавност е сведок на пропаѓањето на овој култен спортски објект, кој во минатото претставуваше епицентар за различни спортови, простор во кој спортувале голем број на наши успешни спортисти, но се користел и за рекреативни цели.
Градоначалникот Стефан Богоев уште еднаш ја истакна јасната цел и определба на локалната самоуправа за обнова на објектот.
„Обновата на Партизан треба да претставува добар пример и на национално ниво., како запуштените спортски објекти ги враќаме во функција.
Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала (која е дадена под концесија), но истата секојдневно пропаѓа и се прекршени голем број на одредби од договорот за концесија.
Исто така, да нема дилеми, овој простор ќе остане со намена за спорт и рекреација. Нашата цел е навистина да биде во функција на спортот, но да биде достапна и за сите граѓани на Карпош“, рече Богоев.
Во оваа сала, во минатото се практикувале и голем број на помалку застапени спортови кај нас, како што е: гимнастиката, стрелаштвото, пинг – понгот и сл.
Исто така, во претстојниот период Општина Карпош ќе испрати и посебна Информација до Владата на Република Македонија, за моменталната состојба на објектот, целта на локалната самоуправа, проекциите за стопанисување со салата и други потребни детали.
