Орбан од Брисел: Проширувањето е целосен неуспех – Македонија мрдна малку, а односот кон Србија е „срамен“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати жестоки критики кон бирократијата во Брисел при своето пристигнување на Самитот ЕУ-Западни Балкан. Тој го оцени процесот на проширување во последните четири години како „целосен неуспех“, нагласувајќи дека Северна Македонија постигнала само мал напредок, додека Србија е неправедно запоставена.

Орбан, кој на 16 декември ги блокираше заклучоците на Советот на ЕУ за напредокот на земјите кандидати (поради што беа објавени само како заклучоци на Претседателството со поддршка на 26 земји), истакна дека без Србија, Унијата не може да се справи со клучните предизвици.

Во својата изјава, унгарскиот премиер направи паралела меѓу напредокот на земјите од регионот, но со фокус на стагнацијата.

„Целиот процес на проширување на ЕУ е полн со неуспеси во последните четири години. Србија нема мрднато ниту сантиметар, а Северна Македонија мрдна сосема малку напред“, изјави Орбан.

И покрај критиките за процесот, Орбан го истакна стратешкото значење на регионот, опишувајќи го Западниот Балкан како „златна резерва“ на ЕУ, особено од економска гледна точка. Според него, потесната интеграција е од суштинско значење за долгорочната стабилност и економскиот раст на блокот, но и за заштита на надворешните граници од миграцијата.

Сепак, најголемиот дел од своето излагање Орбан го посвети на одбрана на Србија, нарекувајќи го односот на ЕУ кон оваа земја „срамен и неправеден“.

„Клучната земја во овој регион е Србија. Без Србија не можеме да направиме ништо. Она што се случува овде – односот и однесувањето кон Србија – е срамно“, дециден е Орбан.

Тој аргументираше дека Србија игра доминантна улога во регионот:

  • Претставува повеќе од една третина, веројатно половина од населението на Западниот Балкан.
  • Генерира половина од економијата на регионот.
  • Околу две третини од извозот од регионот доаѓа од Србија.

„Прво Србија, па другите“

Врз основа на овие факти, Орбан побара целосна промена на пристапот на ЕУ. Тој смета дека Унијата мора да ги реши отворените прашања со Белград пред да продолжи со другите земји.

„Треба прво да се зафатиме со Србија, да ја третираме како приоритет, да најдеме решенија за сите тешкотии и дури потоа да продолжиме со останатите. Ние, Унгарците, ќе направиме сè што е потребно за да ги поддржиме Србите да продолжат напред“, заклучи Орбан.