Османи по средбата со Хан: Ќе успееме да ја оствариме Агендата 2025 на ЕК

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел, оствари работна средба со Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, каде брифираше за напредокот на земјава на полето на имплементацијата на обврските од процесот на европски интеграции.

„Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области и да се создадат услови за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите“ изјави Османи на средбата. Посочувајќи на напредокот во имплементацијата на реформите на клучните области, особено по откочувањето на Собранието со првото зелено светло за уставните измени.

„Собранието го даде првото зелено светло за уставните измени согласно договорот од Преспа, со што, не само што се отвори патот за имплементација на обврските од Договорот, туку се создадоа услови и за забрзување на реформскиот процес на земјата согласно заклучоците на Европскиот совет од Јуни“ – истакна Османи, потенцирајќи го притоа и напредокот на односите меѓу Македонија и Грција, кои се унапредуваат со забрзано темпо.

Османи го информираше Хан и за напредокот во подготовката на преговарачката структура за почеток на преговорите.

„Работиме активно на вклучување како на граѓанскиот сектор, така и на академската заедница во преговарачката структура, процес кој очекуваме дополнтелно да ја засили преговарачката стручност и ефикасност на државата“ – истакна Османи упатувајќи уверување до еврокомесарот Хан дека Македонија успешно ќе се приклучи на Стратегијата на Комисијата за проширување со земјите од Западниот Балкан и ќе успее да ја оствари Агендата 2025.

Извор: ТВ21