Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, синоќа од средбата на лидерите во Охрид извести дека е постигнат договор со српскиот претседател Вучиќ за отворање на границата Лојане – Миратовац. Тој денеска за ТВ21 рече дека на претседателот Вучиќ му ги презентирал аргументите за отворање на овој граничен премин.
-Јас му ги претставив аргументите на претседателот Вучиќ, причините за отворање на овој граничен премин кој е бенефит за жителите од двете страни на границата и позитивна порака во рамки на оваа регионална соработка. Бидејќи соработката не е само добри зборови туку и конкретни проекти и образложив дека секретаријатот за европски прашања, обезбедил средства преку норвешката влада, сите средства за граничната инфраструктура, но потребна е политичка волја од српската влада, бидејќи владата на РСМ го потпиша и усвои меморандумот. Неговиот одговор беше дека оваа работа е завршена бидејќи има доволно аргументи и дека наскоро се очекува одговор од српската влада за потпишување на меморандумот таму-рече Османи.
Сепак, ова не го потврди првиот човек на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи на прес-конференцијата на лидерите од регионот не беа дозволени новинарски прашања. Претходно, српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека нема никаква економска добивка од отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац.
-Отворањето на граничниот премин Лојане-Миратовац не е исплатливо и нема економска логика да се отвора оваа мала граница. Нема политичка дилема или дискусија од која бегаме, но тоа не е нашиот приоритет-рече Брнабиќ.
Пред еден месец, српската Влада донесе одлука за формирање координативно тело за воспоставување на граничниот премин Лојане-Миратовац меѓу Србија и Северна Македонија. Инаку, овој граничен премин никако да се отвори, иако веќе неколку години владини функционери ветуваат спроведување на проектот.