Остри тонови од Борисов – „Никогаш не сме рекле дека безусловно ја поддржуваме РСМ“

Членството на Северна Македонија во Европската Унија е важно но тоа не може да се случува на нашата сметка, ова го изјави премиерот на Република  Бугарија Бојко Борисов по денешната консултативна средба кај бугарскиот претседателот Румен Радев. Иако пред само два месеца кога беше во официјална посета на нашата земја Борисов рече дека не сака ниту да помисли дека Бугарија може да ја блокира Северна Македонија на патот кон Европската унија тој денеска ја смени реториката, истакна дека  никогаш не рекол дека поддршката е безусловна. Борисов сепак нагласи дека нашата иднина е во Европската унија но очекува Експертската комисија да постигне договор пред 15 октомври.

Премиерот Зоран Заев изјави дека не очекува Бугарија да не попречи на патот кон Европската унија, бидејќи како што истакна таа е наш силен поддржувач. Нагласи дека очекува во скоро време Комисијата сепак и за поглавјето околу Гоце Делчев да се постигне заеднички договор.

Јас мислам дека е можно брзо да се најде решението, некојпат ние политичарите треба да оставиме и на експертизата и на експертите. Целта ни е секако да го јакнеме пријателството, добрососедството, ние потпишавме договор во кој што и прифативме дека имаме заедничка историјата, а секако дел од  историјата ни е посебна на двете земји. Во тој дух јас мислам дека комисиите ќе изнајдат решение.

Инаку, по денешната консултативна средба на бугарскиот државен врв шефот на државата Румен Радев истакна дека е потребно итно дејствување за да се изгради нацинален став со јасни барања и критериуми кои ќе ги заштитат бугарските национални интереси и тие треба да бидат дел од рамката за преговори и предуслов за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија. На денешната средба која се одржа на иницијатива на Радев покрај премиерот Борисов присуствуваа и вицепремиерката и шефица на дипломатијата Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното