Обвинителството на Округот Вентура одби да поднесе тужба против познатата поп-пејачката Бритни Спирс, откако вработена на домашниот персонал ја обвини за телесни повреди.
Од таму велат дека обвинение нема да биде покренато бидејќи нема доволно докази дека прекршокот се случил и нема повреди кај вработената.
Вработената поднесе тужба на 16 август, по наводна расправија во куќата на пејачката, каде се тврдеше дека пејачката и го земала мобилниот телефон од раце, но во истрагата е заклучено дека нема видливи повреди, ниту штета на мобилниот телефон.
„Обвинителството на Округот Вентура ја отфрли прекршочната пријава против Бритни Спирс, што не е изненадување. Одделот на шерифот призна дека ова е исклучително мал инцидент и рече дека немало напад или повреди. Како што реков претходно, ова не е ништо друго освен претерување и шпекулација. Ако стануваше збор за непозната личност, а не за Бритни Спирс, немаше воопшто да се следи“, потврди адвокатот Метју Розенгарт.
Адвокатот смета дека вработената не требало да поднесе тужба и дека Обвинителството ја направило вистинската работа.
„За жал, очигледно е дека некои не научија ништо од минатото и се надеваме дека медиумите и другите во иднина повеќе ќе ја почитуваат г-ѓа Спирс“, заклучува адвокатот.
