„Хотели Метропол“ е најголема охридска хотелиерска компанија и располага со три големи хотели. На удар на короната како и сите хотелиери и оваа компанија книжи големи загуби. Податоците покажуваат дека во првото полугодие друштвото ги зголеми приходите за 2,5 пати, а загубата ја преполови во однос на истиот период лани. При тоа за истакнување е грижата на менаџментот и акционерите за вработените во хотелите. Трошоците за вработените се зголемени за 19 отсто и за нив одат повеќе од половина од приходите, пишува Фактор.мк
Најголемата македонска шпедитерска компанија „Фершпед“ бара купувач или партнер за најголемата охридска хотелиерска компанија „Хотели Метропол“, дознава „Фактор“ од бизнис кругови.
Според нашиот извор, во игра се две опции од кои првата е продажба на мнозинскиот пакет акции во „Хотели Метропол“ каде „Фершпед“ поседува 73,5 отсто од акциите со право на глас. Другата опција е партнерство во кое „Фершпед“ би добил референтен тур-оператор или хотелиерска компанија која ќе обезбеди зголемена искористеност на капацитетите на хотелите на подолг период, а ќе понуди и средства и стратегија за збогатување на туристичката понуда.
„Фактор“ побара одговори од Драган Наков, заменик – генерален директор на „Фершпед“ и воедно еден од најголемите акционери во таа компанија. Воедно Драган Наков е претседател на одборот на директори во „Хотели Метропол“. Доколку ги добиеме одговорите ќе ги објавиме во целост.
Увидот во официјалните податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ) покажува дека „Хотели Метропол“ имаат и 550 акционери домашни физички лица кои поседуваат 20,8 отсто од акциите со право на глас.
Охридски „Хотели Метропол“ е најголема охридска хотелиерска компанија според бројот на легла, а воедно и една од најголемите десет хотелиерски компании во Македонија. Неговите три хотели „Белви“, „Метропол“ и „Турист“ располагаат со повеќе од 370 единици (соби и апартмани) за сместување гости.
Корона кризата не ја поштеди ниту оваа голема хотелиерска компанија. Лани и во 2020 година „Хотели Метропол“ работеше со загуба која кумулативно изнесува над 700.000 евра. Лани приходот на „Хотели Метропол“ изнесувал 1,7 милиони евра, а претходната 2020 година бил помал од еден милион евра.
И за првите шест месеци годинава друштвото книжи загуба во работењето. Таа изнесува 261.000 евра и е на половина од загубата за истиот период лани. Најголема расходна ставка остануваат да бидат трошоците за вработените. Тие изнесуваат 447.000 евра и се за 19 отсто повисоки од претходната година. Овој податок покажува дека и покрај тешките услови за работа менаџментот и акционерите водат значајна грижа за квалификуваната работна сила со која располага компанијата. Од друга страна приходите се 820.000 евра и се за зголемени за 2,5 пати во однос на истиот период лани.
Според официјалните берзански податоци вкупните средства на друштвото на крај на јуни годинава вредат 8 милиони евра, а секоја акција книговодствено вреди 426 денари. Обврските на друштвото на крај на првото полугодие се 1,3 милиони евра и се зголемени за 75 отсто во споредба со претходната година.
Последната пазарна цена на таа акција постигната на берза изнесува 308 денари, а акцијата се тргувала на крајот на минатата година.
