Романската администрација за услуги во воздушниот сообраќај РОМАТСА соопшти дека била известена од Евроконтрол дека нејзините сметки се блокирани во врска со изгубената тужба на Романија против фармацевтската компанија „Фајзер“, јави Агерпрес.
РОМАТСА прецизира дека на 30 јуни 2026 година била информирана за наметнување на блокада како дел од постапка за присилно извршување, иницирана од „Фајзер“ против романската држава, за вкупен износ од 3,42 милијарди леи (околу 650 милиони евра), плус над 18,5 милиони евра трошоци за наплата.
Минатиот месец Министерството за здравство на Романија соопшти дека добило официјално известување од „Фајзер“ дека во следните два месеца треба да исплати 3,4 милијарди леи. До ова дојде откако во 2023 година „Фајзер“ поднесе тужба против Букурешт и Варшава за да го спроведе договорот со Европската комисија за испорака на определен број дози вакцини против ковид-19 во тек на неколку години. Во април годинава белгиски суд им наложи на Романија и Полска да и исплатат на компанијата вкупно 1,9 милијарди евра за некупените количини.
Привремениот премиер на Романија Илие Болошан изјави дека РОМАТСА и државните адвокати наредната недела ќе поднесат приговор во Белгија против постапката за блокада на сметките на агенцијата. Тој додаде дека паралелно ќе продолжат преговорите со претставниците на „Фајзер“ за да се обезбеди непречено функционирање на РОМАТСА, како и постапка за решавање на спорот прифатлива за двете страни и „одржлива од буџетски аспект“.
„Романија, како и Полска, загуби судски спор со компанијата „Фајзер“ поврзан со вакцините за време на пандемијата. Врз основа на таа пресуда, преку Министерството за финансии и Министерството за здравство започнавме преговори со „Фајзер“. Тие ќе продолжат и следната недела, но согласно договорот со претставниците на Министерството за финансии и на компанијата, содржината нема да ја коментираме“, изјави Болошан по владината седница. Тој појасни дека „Фајзер“ покренал постапка за присилно извршување и против Романија и против Полска.
„Паралелно со преговорите, компанијата „Фајзер“ ангажираше адвокатска канцеларија и судски извршител во Белгија за да започнат постапка за присилно извршување и кон Полска и кон Романија. Затоа се најдовме во ситуација најлесно запирливите средства – сумите што преку Евроконтрол пристигнуваат кон РОМАТСА – да бидат блокирани“, објасни тој. Болошан наведе дека РОМАТСА годишно инкасира околу 300 милиони евра, додека износот што треба да му биде исплатен на „Фајзер“ е околу 600 милиони евра. Тој увери дека состојбата нема да го попречи работењето на РОМАТСА и „нема да го засегне надзорот и управувањето со воздушниот сообраќај над територијата на Романија“.
Министерот за финансии Александру Назаре објасни дека мерката не е насочена против РОМАТСА, која не е страна во спорот меѓу „Фајзер“ и романската држава, туку се однесува на средствата што требаше да и бидат префрлени на Романија, објави телевизијата „Диги 24“. „Евроконтрол е европска организација преку која се наплатуваат таксите што ги плаќаат авиокомпаниите при користење на воздушниот простор на една држава. Во случајот со Романија, средствата се собираат преку Евроконтрол и потоа се префрлаат на романската страна преку РОМАТСА за услугите на воздушната навигација. Сметките не се блокирани затоа што РОМАТСА е страна во спорот, туку затоа што „Фајзер“ доби судско право во Белгија за мерка врз овие средства што требаше да пристигнат во Романија“, напиша тој на „Фејсбук“.
Во април Букурешт започна преговори со претставниците на „Фајзер“, предлагајќи дел од долгот да се трансформира во испорака на иновативни лекови наменети за онколошки пациенти и лица со ретки заболувања.