Откриен нов дел од Ѕидот на Хадријан во Њукасл

За време на работа на водоводната мрежа во Њукасл, Англија бил откриен нов дел од ѕидот на римскиот император Хадријан.

Се работи за ѕид стар 1.900 години.

Комуналното претпријатие „Нортамбријан вотер“ соопшти дека тој бил пронајден под прометна улица недалеку од центарот на градот.

Инаку, Ѕидот на Хадријан е камена бариера, долга 120 километри што ја претставувала северната граница на Римската Империја, а завршен бил во 128 година н.е., за време на владетелот Хадријан.

Новооткриениот дел од Ѕидот е направен од големи камени блокови и е долг околу три метри.

Тоа укажува на фактот дека е создаден на почетокот на градбата, бидејќи деловите на ѕидот што датираат од подоцнежните фази биле направени од помали камења.

Сега овој археолошки наод ќе биде заштитен, а водоводната мрежа ќе биде пренасочена.