На криминален начин, преку судството и обвинителството, Зоран Заев ги уценува пратениците да гласаат за уставните измени, а со тоа и за промена на уставното име, иако на референдумот не доби легитимитет за такво нешто од граѓаните. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека неговата партија, но и коалицијата За подобра Македонија нема да учествува во ваквите, како што вели, криминални постапки. Според Мицкоски, ќе остане запишано во историјата дека името не го менуваат граѓаните, туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани.
„До промената на Уставот, со цел промена на уставното име, се доаѓа, не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, нема да учествува во тој процес и на денешната седница нема да дадеме, како политичка партија, легитимитет за промена на уставот, затоа што таквите измени немаат легитимитет од граѓаните“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Отпорот и протестите се опцијата за ВМРО-ДПМНЕ да и пркоси на власта во процесот на уставните измени и промената на името, вели Мицкоски. Откако заврши со прес конференцијата пред Собранието, заедно со неговите сопартијци им се приклучи на демонстрантите пред законодавниот дом. Овој негов потег беше поздравен од присутните.
Сепак не одговори позитивно на повиците да им се обрати на демонстрантите на собирот пред Собранието организиран од движењето Македонија блокира.
„Го поканувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да дојде овде на импровизираната бина и да се обрати на македонскиот народ“, демонстрант го повикува Мицкоски.
„За последен пат го повикувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на нашата импровизирана народна говорница, да се обрати на македонскиот народ. Повикан си од сите присутни“.
Но, ниту последниот повик не го убеди Мицкоски да се качи на импровизираната бина.
„Изгледа претседателот ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сака да се обрати на македонскиот народ. Нека остане таму на оградата. Овде е македонскиот народ“. Со ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го навлече гневот на демонстрантите, а некои од нив му порачаа, доколку намерата му е само да се фотографира и рекламира, тогаш воопшто нека не доаѓа.
РЕПОРТЕР: ТВ21
