Властите во Далас издадоа предупредување до населението дека западноафриканска кобра се шета во предградието на градот каде што живеат речиси 200.000 луѓе. Кобрата избегала од куќата на сопственикот.
Се работи за подвид на шумска кобра, една од најотровните во светот. Оваа змија се смета за „срамежлива“ и ретко напаѓа луѓе. Но, доколку нападне, отровот предизвикува прогресивна парализа што може да доведе до смрт.
Основачот на локалната агенција за контрола на диви животни, Рендал Кенеди, изјави дека сопственикот ги контактирал и побарал помош од нив во пронаоѓањето на змијата.
Околу домот на сопственикот беа поставени десетина стапици, но безуспешно.
„Таа нема да ве брка. Ако ја згазите, таа ќе ве нападне. Ако се обидете да ја фатите, таа ќе ве нападне. Покрај тоа, таа е прилично безбедна“, се обиде Кенеди да го утеши населението.
Сопственикот вели дека ја купил змијата легално и дека се плаши дека неговиот миленик починал. Змијата побегнала додека ја хранел.
